Проектот Култура за развој објавува Повик за поднесување предлог-проекти за доделување грантови во рамките на Програмата за размена на знаење преку работа (Job Shadowing Scheme), која има за цел градење капацитети и структуриран трансфер на знаење. Целта на овој повик е да се изградат капацитетите на културните и уметничките професионалци и организации во Република Северна Македонија нудејќи им практични можности за обука на работното место преку учење од практиката.
Информации за проектот „Култура за развој“
Проектот „Култура за развој“ е сеопфатна, долгорочна интервенција во областа на културата и уметноста во Република Северна Македонија. Тој e поддржан од Владата на Швајцарија и се спроведува од страна на Хартефак Фонд, а ќе се имплементира од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година. Проектот има за цел да придонесе за растот на уметноста и обликувањето на општествено-политичките норми, препознавајќи ја културата како витална алатка за поттикнување поотворено, демократско и меѓусебно поврзано општество.
Кој МОЖЕ да аплицира?
• Културни и уметнички организации;
• Уметнички колективи и иницијативи;
• Граѓански организации коишто вршат културни и уметнички активности, дури и ако тоа не е нивна примарна област на активност;
● Други правни лица активни во уметноста и културата (независни фондации, донации, друштва со ограничена одговорност и/или претприемачи).
Апликантот мора да биде регистриран како правно лице во Централниот регистар на Република Северна Македонија.
Тематски приоритети
Нема однапред дефинирани тематски приоритети за овој повик. Пристапот е воден од побарувачката и е дизајниран да одговори на специфичните потреби и интереси на културните професионалци и организации. Апликантите се охрабруваат да дефинираат свои области на фокус врз основа на своите цели, предизвици и развојни приоритети.
Активностите коишто се подобни за финансирање можат да вклучат:
• Заедничко истражување иновативни уметнички и/или културни практики преку заедничко создавање културно или уметничко дело/продукција (или повеќе дела) со изразена едукативна димензија;
• Можности за вмрежување;
• Унапредување на компетенциите и професионален развој (меѓусебна размена, менторство, обука на работното место, работилници, набљудување на работниот процес итн.);
• Спроведување истражување и идна соработка врз основа на заеднички потреби и интереси.
Износ на грантот
Максималните расположливи средства за финансирање за реализација на еден проект се до 178.500 денари. Максималното времетраење на размената на знаење преку работа е 4 недели.
Како се аплицира?
Повеќе информации за повикот, процесот на аплицирање и сите неопходни обрасци за аплицирање може да најдете на нашата веб страница:
MK – Програма за размена на знаење преку работа – Heartefact
AL – Skema e job shadowing – Heartefact
EN – Job Shadowing Scheme – Heartefact
Рок за аплицирање
Сите задолжителни документи за аплицирање треба да бидат поднесени преку [email protected] најдоцна до 28 август 2025 година до 17:00 часот.
Доколку имате прашања, можете да не контактирате на: [email protected].