Кога размислуваме за поддршка на културата, најчесто прво помислуваме на крајниот резултат од еден проект, претстава, изложба, фестивал или културна програма во јавен простор. Но зад секоја изложба, претстава, фестивал или програма стои организација која ја овозможува нејзината реализација.
Токму во тоа е суштината на Програмата за институционални грантови која ја спроведува Хартефакт.
За разлика од проектните грантови, институционалната поддршка инвестира во самите организации, обезбедувајќи им време и ресурси да ги зајакнат темелите врз кои се гради нивната долгорочна работа. Овие промени често се случуваат зад сцената, но токму тие го обликуваат сето она што следува.
Една од најголемите придобивки што ја истакнуваат организациите е можноста конечно да се посветат на сопствениот развој, а не само на подготовката на следниот проект.
За ЛОКОМОТИВА – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, тоа значеше зајакнување на организациската структура, развој на внатрешни процедури, појасно дефинирање на улогите во тимот и постратешки пристап кон комуникацијата и прибирањето средства. За Здруженитето за уметност и наука – Факултет за работи што не се учат (ФРУ), поддршката овозможи конечно да се создадат услови за подготовка на стратешки планови, интерни процедури, документи за управување и појасна организациска структура. Центарот за современи уметности – Скопје ја искористи поддршката за унапредување на управувањето, зајакнување на пристапите за обезбедување финансиски средства и развој на публика, истовремено подготвувајќи ја организацијата за долгорочна одржливост и по завршувањето на грантот.
Неколку организации посочија и една придобивка која е потешко мерлива, но подеднакво значајна: времето.
Контрапункт ја опишува институционалната поддршка како можност да инвестира во активности кои проектното финансирање ретко ги покрива: зајакнување на финансиските и административните системи, развој на вработените, продлабочување на регионалните и меѓународните партнерства и застапување за подемократски културни политики. Наместо постојано да работи под притисок на следниот рок, тимот доби простор да размислува, да планира и да развива нови иницијативи според сопствените приоритети.
Грантовите им овозможија на организациите да воспостават поблиска соработка со своите заедници.
ФРУ започна да развива нови протоколи за управување со своето кино, со цел да поттикне поголема соработка со локалната заедница и поширокиот културен сектор. Тиииит!Инк. – Здружение за промоција на женската активност инвестираше во нови начини на работа со својата публика, создавајќи одржливи простори за феминистичка култура, младинско учество и активно вклучување на заедницата. Контрапункт пак, како една од најголемите промени ја издвојува транзицијата од организирање поединечни настани, кон градење долгорочни односи со уметници, истражувачи, активисти и публика, засновани на доверба и континуитет.
Она што ги поврзува сите овие искуства е сознанието дека организацискиот развој не е одвоен од културната работа, тој е предуслов таа воопшто да се случува.
Добро управување, стабилни тимови, стратешко планирање, финансиска одржливост, подобра комуникација и организациско учење можеби не се највидливите резултати од еден грант, но токму тие одредуваат дали организациите ќе можат и понатаму да ги поддржуваат уметниците, да одговараат на потребите на заедниците и да создаваат значајни културни програми долго по завршувањето на еден проект.
Со инвестирање во организацискиот развој, придонесуваме кон создавање поотпорни, поодржливи и подобро подготвени организации за идните предизвици. А кога организациите се посилни, посилен станува и независниот културен сектор во Северна Македонија, создавајќи цврсти темели за соработка, иновации и долгорочно културно влијание.
Проектот „Култура за развој“ има за цел да придонесе кон развојот на уметноста и обликувањето на општествените и политичките вредности, препознавајќи ја културата како важна алатка за градење поотворено, подемократско и поповрзано општество. Првата фаза од проектот се реализира од крајот на 2024 до крајот на 2028 година. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија, а го спроведува Хартефакт Фонд.