Што се случува кога уметноста ќе стане повеќе од завршено дело или настан — кога театарската претстава ќе отвори разговор на тешка тема, личното сеќавање ќе стане дел од колективен архив, или градината место за уметност и заедница?
Ова се само дел од можностите што ги истражуваат 14-те проекти поддржани преку Шемата за уметнички грантови, која ја спроведува Хартефакт во Северна Македонија во рамки на проектот „Култура за развој“. Распределени во четири области. изведувачки уметности; истражување, критички и алтернативни културни практики; културни практики во заедницата и јавниот простор; и зајакнување на младите и инклузивна креативна продукција, проектите внесуваат различни уметнички практики, заедници и перспективи во заедничкиот разговор.
Приказни што продолжуваат и по спуштањето на завесата
За неколку од поддржаните проекти, театарот станува почетна точка за разговори за прашања што го обликуваат секојдневниот живот.
„Забрането овошје“ на Вондерленд театар ги истражува родовата еднаквост, телесната автономија и слободата на изразување на жените преку документарно инспирирана монодрама што комбинира театар, хумор, движење и авторска музика. Претставата ќе гостува во шест градови, а јавните разговори ќе ѝ овозможат на публиката да ја продолжи дискусијата и по завршувањето на претставата.
„PRIMA FACIE“ на ТЕСА, првата поставка на оваа претстава во Северна Македонија, се занимава со сексуалното насилство, согласноста и пристапот до правда. Изведбите во четири градови ќе бидат проследени со разговори со професионалци од областа на правото и менталното здравје, додека онлајн-платформа ќе понуди едукативни ресурси и анонимни сведоштва.


Со „Огледало“, Театар за сите ги става локалните заедници во центарот на креативниот процес. Искуствата собрани преку разговори, фокус-групи и театарски вежби во Кочани, Велес и Свети Николе ќе станат материјал за создавање на нова авторска претстава.
Во меѓувреме, „Татко“, во продукција на Театар еден актер, преку интимна приказна, се занимава со сеќавањето, семејството, стареењето и деменцијата. Претставата ја режира Иван Поповски, а ја изведува Бајруш Мјаку. Претставата е на албански јазик со македонски превод, со што допира до публиките од различни јазични заедници.


Создавање простор за приказни што често остануваат незабележани
Следната група проекти се насочува кон начините на кои приказните, историите и културните придонеси се запишуваат и зачувуваат, но и кон оние што останале помалку видливи.
Уметничко истражување како колективна контра-архива, на ТП МЕДЕА – Кумјана Новакова, ги истражува локалните сеќавања и занемарените истории во Дојран, Гевгелија и Битола. Преку уметничко истражување, разговори, пешачки тури и собирање фотографии, аудио и видео материјали, личните сеќавања стануваат дел од заедничкиот архив.
„Жените во музичката уметност низ вековите“ на МУЗА ги става во фокус придонесите на жените во историјата на музиката преку истражување, јавни предавања, разговори и концерти со дела на композиторки, изведени од млади музичарки.


Со „Дисензус“, ТЕМПЛУМ ги поврзува литературата, медиумите и јавниот дијалог преку подкасти, текстови, настани во живо и книжевниот фестивал „Друга приказна“ во повеќе градови. Проектот ќе создаде и јавен дигитален архив на материјалите произведени во текот на програмата.
„ТРИГЕР – Караван за младинска, алтернативна и критичка култура“ на Култура Бета се фокусира на алтернативната и квир култура, поврзувајќи млади луѓе, уметници и локални заедници преку две тематски изданија на списание и шест мултидисциплинарни настани низ Северна Македонија.


Кога културниот простор може да биде секаде
Овие проекти отвораат и едно поинакво прашање: што се случува кога културата ги напушта традиционалните места на одржување и се преселува во јавни, природни и заеднички простори?
Фестивалот на филм и музика „Ѕирни“, во организација на Кино Котур, ги внесува филмот, музиката, театарот и визуелните уметности во урбаните јавни простори преку проекции, изложби и работилници. Бесплатната програма вклучува и 48-часовен филмски предизвик за млади филмски автори.
На Плачковица, Здружението Купола Штип преку ВИА 5 ги поврзува уметниците од различни дисциплини преку резиденција и тридневен фестивал што комбинира театар, визуелни уметности, музика, филм и перформанс, отворајќи прашања поврзани со родовата еднаквост, еколошката одржливост и социјалната правда.


Во заедничката градина Бостание, Зелената Арка преку „Бостание микрофестивал – вкоренување“ ги поврзува уметноста, екологијата и заедницата преку работилници, инсталации, перформанси и фестивал на отворено, претворајќи ја самата градина во заеднички културен простор.
„Нови лица“ на Лабораториум им овозможува на осум млади автори и авторки од областа на визуелните уметности, музиката, литературата, дизајнот, фотографијата и перформансот време и поддршка за развој на нивната работа преку резиденции, менторство и јавни презентации.


Создавање простор за млади гласови
Последната група проекти ги става младите во центарот, создавајќи можности за развој на уметничките вештини и раскажување на сопствените приказни.
„РомаВизија – култура во акција“, на Ромскиот центар за култура и медиуми БАРИКАНИПЕ, ги поврзува младите Роми во истражување низ филм, поезија, визуелни уметности и други мултимедијални формати. Преку создавање кратки филмови и видео-приказни, проектот придонесува за поголема видливост на ромските перспективи.
Во Гостивар, „Обоени приказни: култура за инклузија“, на Организацијата на младите од Гостивар, ги поврзува визуелните уметности, литературата и дигиталното раскажување приказни со интеркултурна соработка. Работилници, меѓународна ликовна колонија, патувачка изложба, серија подкасти и публикација ги поврзуваат младите учесници околу темите на еднаквоста, идентитетот и инклузијата.


Оваа есен се планира да започне уште еден циклус на Шемата за уметнички грантови, со што ќе продолжи поддршката на нови уметнички проекти и практики низ Северна Македонија.
Активноста е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, а ја спроведува Хартефакт фонд.