На 3 септември, во Хартефакт Куќа се одржа регионалниот Queer Art Showcase, на кој осум уметници и уметнички од Србија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија ги претставија своите проекти во развој, на кои работеа во текот на изминатите шест месеци во рамки на проектот Queer Art Academy. Во текот на програмата, тие ги развиваа своите идеи со поддршка од менторите и менторките Стеван Мариќ, филмски монтажер; Зорана Ѓаковиќ Минити, уредничка на програмата во Културниот центар Белград; Мојца Југ, уредничка на програмата на фестивалот Млади Леви од Љубљана; Звонимир Добровиќ, основач на фестивалот Queer Zagreb; и Патрик Лазиќ, театарски режисер. Showcase-от беше можност овие дела да бидат претставени пред публика од регионот и Европа.
Некои од проектите се инспирирани од лични искуства, кои потоа се ставаат во поширока перспектива, блиска до поголем број луѓе, и на тој начин сакаат да ги инспирираат другите. Фрагменти од нашите животи на Ерик Сребров од Скопје, преку колаж, фотографија и stop-motion анимација бележи мали, но значајни детали од квир животот. Почнувајќи од поединечни фрагменти, делото се отвора кон прашањето како искуството на една заедница може да се документира и зачува?



Документарниот филм Имам нешто да ти кажам на Павле Хрнчиќ од Нови Сад, исто така го истражува документирањето и архивирањето на квир животот и личното искуство. Во неговиот фокус е односот на авторот со неговиот дедо, кому тој одлучува да му го открие својот квир идентитет. Архивските VHS снимки се испреплетуваат со современ материјал, поврзувајќи ги искуствата од растењето во различни периоди со сегашноста, во која Павле го документира и процесот на донесување на одлуката и самиот момент на откривање. Додека Павле му пристапува на минатото преку слики, Наталија Енкарна од Бања Лука го истражува преку текст. Во проектот И јас тука живеам таа развива дигитална збирка на приказни и песни за претходно незабележани квир и транс искуства, јазик, приказни и места. Со текот на времето, збирката станува и архива, но и живо дело кое продолжува да расте и да се менува. Избраната архива на Илја Симин од Нови Сад е магазин чија цел е да ја документира современата квир уметност во регионот.


Никола Калајџиќ од Нови Сад го развива поетскиот перформанс Малку место под ѕвездите, заснован на читање на неговата поезија и дела на други автори и авторки, кој, исто така, ги кани присутните на колективно создавање, отворање, споделување и поврзување на нивните внатрешни светови. Искуствата и позициите на маргинализираните групи и поединци се важен дел од овој процес. Во својот проект Музиката на принтерот, Урош Ѓоровиќ од Панчево истражува на кои начини навидум обичните предмети што ги користиме секојдневно, како канцеларискиот материјал, можат да бидат извор на инспирација и алатка за уметничко создавање.



Перформансот Мајкино на Мухамед-Адем Мерџаниќ од Сараево е омаж на неговиот однос со мајка му, истражувајќи ја блискоста, но и традицијата, ритуалите и наследството во однос на квир постоењето и идентитетот. Во својот драмски текст Флеки, пак, Арман Фатиќ од Сараево зборува за транс идентитетот, оддалечувањето, самоодржувањето и создавањето безбедно место. Актерките Драгана Варагиќ и Александра Аризановиќ претставија дел од приказната преку читање на текстот.




Различни по форма, проектите беа претставени додека сè уште го бараат својот конечен облик, а презентацијата беше можност локалните, регионалните и меѓународните културни работници и работнички да се запознаат со нив, но и уметниците и уметничките да се поврзат и да разменат искуства со оние чие знаење и експертиза можат да им помогнат на најдобар начин да ги развијат своите проекти. По презентациите, публиката имаше можност поблиску да се запознае со авторите и авторките. Денот заврши со заедничко гледање на претставата Поша, чија продукција беше поддржана преку проектот Култура за демократија, а која оваа година беше вклучена во официјалната програма на Неделата на гордоста во Белград.





Фото: Јаков Симовиќ
Проектот Queer Art Academy – Building Safe Artistic Futures in the Western Balkans, кој го спроведува Хартефакт, е поддржан преку програмата Working Safe: Socio-economic Inclusion of the LGBTQI+ Community in the Western Balkans and Türkiye, која ја спроведува ERA – LGBTI Equal Rights Association for the Western Balkans and Türkiye, во партнерство со Queer Montenegro, Tuzla Open Center (Босна и Херцеговина), Open Mind Spectrum Albania, Center for Social Group Development (Косово), Коалиција Маргини (Северна Македонија), Izađi (Србија) и Kaos GL (Турција). Проектот е финансиран од Европската Унија.