Проектот „Култура за развој“ има за цел да ги поддржи културните и уметничките иницијативи коишто ги засилуваат критичките гласови и промовираат инклузија, различност и еднаквост, како одраз на богатата разновидност на населението во Република Северна Македонија. Овој Повик бара проекти коишто развиваат и промовираат алтернативни и критички перспективи, играјќи витална улога во подигањето на свеста и поттикнувањето на јавната дебата за клучните општествени прашања, вклучително инклузијата, еднаквоста и социјалната правда.
Тематски приоритети: Овие проекти треба да негуваат вешти, иновативни и смели уметнички и културни изрази и практики коишто ги предизвикуваат доминантните општествени и политички наративи, истовремено поттикнувајќи го развојот на културната и уметничката сцена во Република Северна Македонија.
Овој Повик е наменет за проекти коишто се фокусираат на различни области на современото културно и уметничко творештво: изведувачки уметности, визуелни уметности, литература, музика, аудиовизуелни уметности, стрипови, фотографија, дизајн, културна политика и управување.
Активностите коишто се подобни за финансирање можат да вклучуваат: изложби, инсталации, изведби, работилници, предавања и/или слични едукативни програми, јавни дебати и дискусии, аудиовизуелна продукција, уметнички и културни истражувања, фестивали итн.
Географска област: Сите активности мора да се одвиваат само во Република Северна Македонија. Програмата за уметнички грантови ќе ѝ даде приоритет на поддршката за организации од независната културна сцена коишто развиваат културни и уметнички содржини коишто одговараат на потребите на локалните заедници надвор од Скопје. Минимум 50% од финансираните проекти мора да се реализираат во градови и региони надвор од главниот град, додека преостанатите средства можат да се доделат на проекти во Скопје. Организациите со седиште во Скопје, исто така, се охрабруваат да аплицираат за проекти коишто се одвиваат надвор од главниот град.
Оваа програма за грантови ја поттикнува соработката помеѓу организациите и културните институции, вклучително и општините, на локално ниво. Таа има за цел да ги поддржи организациите активни во градовите надвор од Скопје за да се справат со потребите и актуелните општествени прашања на локалните заедници преку културно и уметничко изразување. Програмата ги охрабрува апликантите да соработуваат со локалните културни институции за да ги користат јавните простори, на тој начин помагајќи да се намалат трошоците додека се поттикнува соработката. Прифатливите трошоци за копродукции можат да вклучуваат мали инвестиции во техничка опрема, којашто организациите можат да ја купат за јавните културни институции. Оваа опрема потоа би била достапна за употреба од страна на организациите, со што дополнително би се промовирало споделувањето на ресурсите и би се зајакнала соработката помеѓу независниот културен сектор и јавните институции.
Организациите можат да соработуваат на одреден културен и уметнички проект со други организации доколку тоа води до подобро усогласување на целите и поефективно спроведување. Партнерствата не се задолжителни, но тие сепак се охрабруваат, кога тоа е релевантно.